Во мојата претходна колумна исто така пишував за ACTA и за нејзиното влијание врз нашата слобода, но некако се чуствувам недоречен а мислам дека така ќе биде и по оваа, се додека не знам со сигурност дека интернетот ќе остане слободна зона во светски рамки!
Која е навистина целта на ACTA, заштита на интелектуалната сопственост и авторските права на светско ниво или пак глобална цензура!
Ајде да започнеме со малку историја! Дали знаете дека и децата на египетските фараони имале играчки кои функционирале на пареа повеќе од два и пол милениуми пред Џејмс Ват да ја направи парната машина. Зошто тогаш не ја искористиле во практиката? Затоа што имале повеќе милиони поданици кои слепо ги следеле и нивниот труд бил доволно евтин за да не мораат да мислат за некоја друга инвестиција!
Она што модерниот човек го разликува од неговите предци од пред неколку илјади години не е цивилизираноста и облеката, не се ни автомобилите и современите домови, трговски центри и места за шетање, тоа е масовната комуникација! Достапноста на информацијата и леснотијата на нејзино пренесување и проширување никогаш не била толку лесна како досега!
За жал на некој сето ова му пречи во владеењето со своите поданици! Во земја како нашата се се дознава многу брзо, прво поради тоа што ние сме мала земја, а второ поради менталитетот на нашиот народ. Но во големите држави не е така, кога би ја немале модерната комуникација би требало недели да се пренесе информацијата! Токму поради тоа во антиката и средните векови владеењето било многу полесно, се што треба е да имате неколку лојални следбеници и еден воен одред, правите пуч, ја ликвидирате опозицијата и нема народ кој поради тоа се буни, затоа што на народот му треба недели да дознае што точно се случило, а кога ќе дознае тоа ќе биде вашата вистина!
Денес кога има некои случувања некаде во светот големите светски медиуми ја презентираат својата вистина во зависност на тоа на кого служат. За среќа денес го имаме интернетот и социјалните мрежи кои помагаат да се слушне и една друга вистина, вистината на народот! Епа со ACTA баш таа можност ќе се укине!
Целта на ACTA не е никаква заштита на авторски ниту интелектуални права, целта е глобална цензура, во Кина, Северна Кореја, Куба, Иран таа се прави со изговор со заштита на колективното добро, во западните цивилизации тоа се прави со изговор на заштита на личната сопственост!
No comments:
Post a Comment