22 September 2014

Европската унија после референдумот во Шкотска

Референдумот за независност на Шкотска од Обединетото Кралство отвори многу прашања за тоа што би било доколку Шкотска стане независна по 307 години. Најпрво се отвори прашањето што со Обединетото Кралство потоа? Самата Велика Британија се соочува со проблемот на евроскептицизмот во многу поголеми размери од било која друга членка на Европската Унија. Дали по успешниот референдум за независност на Шкотска би следел нов за истапување на останатиот дел на Обединетото Кралство од Европската Унија?! Дали референдум за Шкотската независнот би повлекол цел бран на сепаратистички движења низ Европа, но и низ целиот свет, а како најеклатантен пример се споменуваше независноста на Тексас од Соединетите Американски Држави?!
Најпрво би сакал да нагласам дека за само три месеци поборниците за независност на Шкотска успеаа да анулираат разлика од околу 20% која во јуни ја имаа унијонистите, па така на две недели пред референдумот анкетите покажуваа скоро мртва трка помеѓу поборниците за и против независна Шкотска. На крајот референдумот заврши со 44,7% за и 55,3% против независноста на Шкотска, од вкупно излезените 84,59% од запишаните гласачи.