22 September 2014

Европската унија после референдумот во Шкотска

Референдумот за независност на Шкотска од Обединетото Кралство отвори многу прашања за тоа што би било доколку Шкотска стане независна по 307 години. Најпрво се отвори прашањето што со Обединетото Кралство потоа? Самата Велика Британија се соочува со проблемот на евроскептицизмот во многу поголеми размери од било која друга членка на Европската Унија. Дали по успешниот референдум за независност на Шкотска би следел нов за истапување на останатиот дел на Обединетото Кралство од Европската Унија?! Дали референдум за Шкотската независнот би повлекол цел бран на сепаратистички движења низ Европа, но и низ целиот свет, а како најеклатантен пример се споменуваше независноста на Тексас од Соединетите Американски Држави?!
Најпрво би сакал да нагласам дека за само три месеци поборниците за независност на Шкотска успеаа да анулираат разлика од околу 20% која во јуни ја имаа унијонистите, па така на две недели пред референдумот анкетите покажуваа скоро мртва трка помеѓу поборниците за и против независна Шкотска. На крајот референдумот заврши со 44,7% за и 55,3% против независноста на Шкотска, од вкупно излезените 84,59% од запишаните гласачи.
Она што следи е најпрво Велика Британија и Европската Унија да се справат со бројните обвинувања за неправилности во процесот на гласање и на броење на гласовите кои дојдоа најмногу од страна на Руските набјудувачи на изборниот процес, како и по бројните видеа во кои покажуваат очигледни нерегуларности, а се објавени на најголемата светска видео мрежа YouTube. Ваквите обвинувања не се нималку наивни, посебно кога се упатени на адреса на Лондон и Брисел, двоецот кој заедно со Вашингтон го прават „светото тројство“ како „најголеми светски поборници за демократија и правото на самоопределување“. Ваквите обвинувања па и било какви цврсти докази со сигурност нема да доведат до прегласување на референдумот или на некои изборни места бидејќи ниту Велика Британија, а ни Европската Унија неможе да си го дозволи тој луксус, но со сигурност дава карта во ракавот на останатите „репресирачки режими“, а во прв ред на Русија, Кина па и на Турција кога се доведува во прашање владеењето на правото и слободата на говорот во тие држави.
Она што со ќе продолжи да го загрижува Брисел и целиот процес на евроинтеграција е со сигурност зголемениот евроскептицизам и сепаратизам кој се јавува во земјите на Европската Унија. Така, покрај Шкотска, тука се и бројни останати движења за независност на останати региони на најголемите земји во унијата како Каталонија, Баскија, северна Италија, областа Бретања во Франција и многу други, како и бројни сепаратистички држави на Балканот, каде што секоја држава си има „карта на обединета или голема држава“ како голема Србија, Албанија, Грција, Хрватска, обединета Бугарија, па и обединета Македонија.
Подгревањето на ваквите сепаратистички движења секако не одат во прилог на духот на обединувањето на Европа како во рамки на монетарна и пазарна но и како политичка унија.
Причините за зајакнувањето на овие сепаратистички тенденции најпрво треба да се побараат во самата Европска унија, која полека но сигурно прераснува во една мега држава. Иако е економски џин, ЕУ нема фактор на обединување на различните нации во неа за да може да прерасне во една мега држава, па така мотото „Обединети во различностите“ останува празна флоскула. Така додека истокот на Европа се бореше за интеграција во унијата, западот полека почна да ги напушта космополитските идеи на таткото на унијата Роберт Шуман.
Европската Унија во блиска иднина со сигурност ќе продолжи да се бори со сепаратистичките тенденции и евроскептицизмот на нејзините земји членки, процес кој не носи никакво добро за земјите на т.н. западен Балкан, па така наместо својата енергија да ја концентрира во интеграција на овој регион од Европа и земјите кои останаа да бидат сива зона на континентот ќе мора да се бори за зачувување на својата целовитост (нешто што го гледаме од почетокот на економската криза во 2008 година) и проширувањето да го стави во втор план.
Со ваквите приоритети на унијата, земјите од западниот Балкан најверојатно ќе ја дочекаат и третата деценија на овој милениум надвор од неа, нешто што со сигурност ќе ги насочи да бараат алтернативни економски но и политички сојузници, но и со сигурност ќе донесе до намалување на мотивираноста на политичките раководства на овие земји во процесот на евроинтеграција и исполнувањето на нормите и критериумите за истата. Ова може да доведе до повторно будење на „духовите од минатото“ бидејќи, за разлика од сепаратистичките движења во ЕУ кои се најчесто водени од економски побуди, бидејќи развиените и богати региони на земјите членки не сакаат да бидат локомотива на останатите делови од државите па и на унијата, овие движења на Балканот имаат најчесто етничка природа.
Она што со сигурност можеме да заклучиме е дека резултатите од Шкотскиот референдум донесоа големо олеснување и задоволство во официјален Брисел, но сепак останува прашањето што понатаму?! Унијата продолжува со слабиот економски раст кој што ја следи од 2008 година, нееднаквоста на економскиот развој на своите земји членки и региони во самите земји, но и станува мета на заканата на глобалниот светски тероризам во најпрв ред на т.н. организација Исламска Држава! Начинот на кој ЕУ ќе се справи со овие предизвици воопшто не е едноставен. ЕУ продолжува да биде продолжена рака на САД, нешто што најдобро можеме да го видиме со начинот на кој се однесува со кризата во Украина, а одејќи на штета на самата унија и на штета на нејзините економски интереси, влошувајќи ги уште повеќе резултатите во економијата. Од друга страна пак начинот на кој што Европската Унија ќе се постави кон заканата која доаѓа од страна на т.н. Исламска Држава во голема мера зависи од големиот број на Муслимани кои живеат во самата унија, а со оглед на фактот дека според најголемите светски разузнувачки агенции, најголем број на борците кои доаѓаат од странство на истоимената организација се од земји членки на ЕУ.

No comments:

Post a Comment