31 August 2014

Од арапската пролет до Исламската Држава

Изминативе неколку недели повеќето од нас станаа свесни за сериозноста на заканата врз светскиот мир и стабилност која доаѓа од страна на т.н. Исламска Држава (ИД односно IS) или како што претходно се нарекуваше Исламска држава во Ирак и Сирија (ИДИС односно ISIS) и Исламска држава во Ирак и Левантот (ИДИЛ односно ISIL).

Она што ја карактеризира оваа организација и ја прави многу поопасна од Ал Каеда е брзината на нејзиното ширење и собирање на приврзаници, јасните ставови и цели, како и бруталноста кон сите неистомисленици. Она што е малку познато е дека Ал Каеда и ИД се противници, односно огранокот на Ал Каеда познат како Ал Нусра Фронт во Сирија покрај тоа што активно војува против силите на Претседателот Башар ал Асад војува и против ИД! Всушност, ако подлабоко се разгледа состојбата на блискиот исток ќе сфатиме дека „секој војува против секого“!

Иако ИД е релативно нова организација, таа пред два месеци односно на 29 Јуни 2014 прогласи основање на калифат односно држава во која се владее по исламското право шеријатот, а на чело застана нејзиниот лидер Абу Бакр ал Багдади и ја доби титулата калиф.

Од каде преку ноќ ИД стана најмоќната сила на блискиот исток?! Помагајќи во „будењето“ на арапските народи и помагајќи ја нивната „борба за ослободување од диктаторите“, САД не бираа кого ќе поддржат во таа борба, се додека се борат против дотогашните режими!
На тој начин во Египет на власт дојде Муслимското братство, а истото се случи и во останатите држави во северна Африка. Она што е интересно е брзото атерирање на САД од своите ставови и менувањето на страната која ја поддржуваат, па така во 2011 Муслимското братство беше „вистинската опција“ за Египет, за само по две години во 2013 САД го поздрават воениот удар кој беше направен од страна на Генералот Абдел Фатах ел Сиси! Така до лани ИД со сите свои варијации беше прифатлива во борбата против Асад во Сирија, но кога почна да се шири во Ирак и да излегува од контрола веќе Асад и не изгледа како толку лошо момче!

ИД рапидно привлекува приврзаници низ целиот свет, посебно помеѓу младите муслимани кај кои наидува на симпатии. Таков е случајот и со Македонија, а како доказ за тоа е дека до сега се знае дека 9 Македонски државјани загинале во борбите во Ирак и Сирија на страната на ИД, но таков е и случајот со целиот регион. Во Косово пред неколку месеци беше регистриран случај во кој неколку Косовари го сквернават споменикот на Скендербег!

Неодамна ИД излегоа со изјава за тоа каков е нивниот план за делување во наредните 5 години. Може да се види дека навистина сериозно си ја сфатиле работата, а и зошто да не, имајќи ја во предвид брзината со која што напредуваат на блискиот исток! Останува да видиме како меѓународната заедница ќе реагира на сето ова.

No comments:

Post a Comment