07 April 2014

Изборот на Скопје

Скопје е град со историја од над 2 милениуми. Во пишаните извори првично се споменува во Римско време под името Скупи или поточно Colonia Flavia Scupinorum, тогаш лоциран по патот за денешно Бардовци, спроти домот за стари лица „Мајка Тереза“ иако  ископувањето на скопското Кале од пред неколку години најде докази дека на тој простор има знаци на живот уште во неолитот.
Скопје низ историјата има многу подеми и падови. По земјотресот во 518 година Скопје се возобновува во Јустинијана Прима. Скопје останува под Византиска власт се до крајот на 13 век кога го превземаа Србите, а во 1346 година Душан Немањиќ е крунисан за Цар и Скопје станува престолнина на неговата империја. Потоа во 1391-та Турците го претвораат во престолнина на Скопскиот санџак се до бурниот дваесетти век кога ги преживува Србите, Бугарите, Германците...
Во 1963 година Скопје го преживува разорниот земјотрес. По земјотресот Скопје почна да се обновува благодарејќи на несебичната помош на државите ширум светот, по што градот расте како по пространост така и по број на население. Она што овој брз развој на Скопје му го донесе е тоа тој да прерасне во метропола во која секој може да го најде своето место под сонцето.
Она што Скопје го изгуби со својот брз раст е дел од својата душа. Темпото на живот како и во секоја друга метропола си го прави своето, но Скопје прерасна во град на сиви бетонски градби кои „убиваа“ со својата монотонија.
Од осамостојувањето на Македонија во 1991-та во Скопје почна да не се случува ништо од градежна гледна точка. Градежните активности се сведуваа на крпење на дупките на постојните улици и булевари и понекое обновување на дотрајаната урбана опрема кое се случуваше навистина ретко. Народот како да се навикна на таквата апатична состојба и неодговорно однесување на власта што дури еден градоначалник доби и втор мандат само затоа што во првиот ја претвори„Водњанска “ од улица во булевар во должина од помалку од еден километар.
Во последните неколку години Скопје се промени многу. Скопје доби нови булевари, улици, паркови, трговски центри и молови, нови автобуси, игралишта, спортски сали, аква парк,  училишта, градинки, театри, нови репрезентативни административни објекти и споменици со кои прерасна во вистинска туристичка атракција. Скопје доби нов аеродром, технолошко индустриска развојна зона и уште многу други индустриски и услужни капацитети во кои својата егзистенција ја најдоа десетици илјади жители на Скопје. Ситуацијата во Скопје е далеку од розова но Скопје со сигурност прераснува во вистинска европска метропола.
Мојот избор за тоа на кого ќе ја дадам својата поддршка на наредните избори е сигурна, на Вас останува да размислите на кого Вие ќе ја дадете својата. Јас ќе гласам за проекти, за остварени проекти а не за празни зборови, ќе гласам за оние кои на овој град му ја вратија душата, му го вратија животот, кои во Скопје донесоа нов дух, дух на новото време.

No comments:

Post a Comment