31 March 2014

Скопје на новата младост

Пред повеќе од шест години го напишав првиот текст на мојот блог со наслов „Што сакаше да каже авторот“. Истиот се однесуваше на тогашниот изглед на Скопје. За мене тогаш Скопје беше една бетонска пустелија, град од футуристички пост армагедон филм. Мислам дека од осамостојувањето на Македонија градот се повеќе пропаѓаше и сивееше! Ми беше навистина мило да ги слушам повозрасните како со носталгија раскажуваат за некое друго Скопје, град со душа, посебно пред земјотресот во 1963-та, а за мене тоа воопшто не беше ова Скопје.
За овие шест години Скопје многу се промени. Градот почна да наликува на вистинска Европска престолнина, а не како што пред шест години напишав, привремено организирано место за живеење на некое варварско племе!
Наместо по земјотресот да добие нов и современ лик со проектот кој јапонскиот архитект Кензо Танге го имал за Скопје, со реализација на многу малку од истиот Скопје се претвора во бетонско чудовиште, а и самиот Танге се откажува од него!
Градот денес има многу градби кои му даваат нов, многу поубав лик. Скопје доби нови музеи, старо нов театар, нови згради за јавната администрација и споменици со кои конечно заличи на главен град на народ со корен, со минато. Некои не се сложуваат со мене, но како што можам да видам тие некои воопшто не се мнозинство! Она што навистина ми се допаѓа се и позитивните критики од сите оние странци кои го посетуваат Скопје, посебно оние кои не доаѓаат за прв пат па знаат како изгледал порано. Можеби и мене не ми се допаѓа баш се, но сепак градот повторно доби живот.
За деценија или две никој повеќе нема да разговара дали му се допаѓа или не она што денес се гради. За новите генерации ова ќе биде она нивно Скопје и верувам дека дека ќе биде многу поубаво од она нашето. Тие нема да знаат дека воопшто некој дебатирал дали е ова добро или не, а ако некој им каже сигурно нема да можат да разберат како некој воопшто можел да разговара за тоа, затоа што тоа ќе биде само нивно Скопје, затоа што ќе биде Скопје на новата младост!

No comments:

Post a Comment