22 May 2012

Распродажба

Градоначалникот на Општина Карпош, господинот Стевчо Јакимовски решил дека сака да реновира неколку училишта и градинки на територијата на својата општина. Прекрасна вест!
Се ќе беше супер доколку Стевче не предвидуваше парите за овој свој проект да ги обезбеди со продажбата на новата општинска зграда! Зградата која пред неполни две години Стевче комплетно ја реновираше за што се потрошени околу 300.000 евра сега сака да ја продаде! Според портпаролот на Општина Карпош, Виолета Цветковска со продажбата општината ќе заработи 3 милиони евра!
Долгот на општината изнесува двојно од најавената заработка! Општината должи над 6 милиони евра! 
Но што е со општинската администрација? Каде ќе оди таа?! Се најавува дека ќе се гради нова општинска зграда на местото на старите општински бараки, но за истата воопшто нема започната никаква процедура, што значи дека ќе треба најмалку 2 до 3 години за да се направи истата! А каде до тогаш ќе оди целата администрација, под ќирија?!
Дали самобендисаноста на Стевчо оди до таму што мисли дека на само 9 месеци пред локалните избори може да направи ваков потег и тој потег да остане неказнет од граѓаните на Карпош? Дали навистина верува во приказните дека Карпош е бастионот на СДСМ и дека граѓаните на Карпош онака неинтелигентно и по дифолт ќе гласаат за него и СДСМ?
Можеби Стевчо има некои други планови за својата кариера или пак ова е крајот на кариерата па веќе воопшто не му е важно! Можеби ова го прави онака народски кажано на бегање!
Пред само 6-7 години Карпош беше најубавата и најурбана општина во Македонија. Додека Карпош стагнира и повеќе од 20 години нема ниту еден капитален проект (освен надвозникот Влајко се разбира), другите општини забрзано се градеа и модернизираа! Во Карпош модернизацијата се сведе на редење на бекатон коцки по тротоарите!
До каде ќе оди Стевчо останува да видиме, сепак, изборите се за помалку од една година!

No comments:

Post a Comment