16 March 2020

Светот по првата пандемија на CoVid-19

Оваа година ја започнавме со информација на вестите за „некаква си болест“ во еден „не толку голем и битен“ кинески град, Вухан, град со скоро 9 милиони жители, главен град на кинеската провинција Хубеј. И додека пред нецели три месеци сето ова ни изгледаше како нешто многу далечно и целосно безопасно за нас, веќе неколку дена таа болест е наша реалност.
Болеста од типот на корона вируси која го доби името CoVid 19 (Ковид 19) од локален кинески проблем многу брзо прерасна во пандемија и стана светски проблем. CoVid 19 преку Италија со молскавична брзина се шири низ цела Европа.
На овој ЛИНК можете да ги видите статистиките во реално време.
Сепак, овде нема да зборам за вирусот. Јас не можам да предвидам колку време ќе трае оваа пандемија на светско ниво, иако мислам дека за два до три месеци ќе спласне, а за шест месеци оваа пандемија ќе биде победена. Исто така, јас не знам колку човечки животи ќе однесе, но како и да е се надевам дека владите во сите земји ќе спроведат соодветни мерки за заштита на своите жители. Она кое што со сигурност го знам е дека последната жртва на оваа пандемија ќе биде Европската Унија.
Европската Унија и нејзините хибридни институции, раководени од дебело платени бирократи кои всушност немаат јасни надлежности и реална политичка моќ, останаа немоќни пред предизвикот за спречување на ширењето на новиот корона вирус.
Она што се забележува е дека првичната помош во засега најпогодената европска држава не стига од друга земја членка на ЕУ, туку директно од најпогодената земја во светот со новиот корона вирус, Кина! Кина праќа респиратори, останата медицинска опрема но и доктори на помош во Италија!
На вчерашната прес конференција оддржана од страна на Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на која тој прогласи вонредна состојба во цела Србија, јавно ја замоли Кина за помош и ја обвини Европа за дволичност!
За цело ова време САД се бори да добие ексклузивитет над производството на евентуалната вакцина против новиот корона вирус, а вирусот полека но сигурно се шири и во нивниот двор!
Русија си го чува својот двор и гледа да не бранува многу за да не потоне и самата.
Гледајќи од страна, кога сета оваа пандемија ќе спласне, Европската Унија ќе биде со силно нарушен авторитет и кредибилитет во очите на жителите на земјите членки, но и на жителите на земјите аспиранти за членство во истата!
Имајќи го во предвид здравствениот систем на САД, сметам дека таму вирусот ќе направи најголема штета, а САД конечно ќе разбере дека основен интерес на секоја држава е да има образована и здрава нација и затоа тоа треба да биде достапно до сите граѓани на една земја односно припадници на една нација!
Како конечен победник, како политички така и економски, од цела оваа ситуација ќе искочи Кина! Иако во моментов за прв пат после 30 години бележи пад во економскиот раст, Кина ќе успее најдобро да ја валоризира сета оваа ситуација и да се наметне не само економски туку и политички во многу земји кај што до сега кинеската дипломатија делуваше многу суптилно.

No comments:

Post a Comment