18 December 2020

Дипломатските грешки на северна Македонија во евроинтеграцискиот процес

Чекав малку да спласне еуфоријата и разочарувањата од т.н. „тешка геостратешка грешка“ со ветото кое Бугарија го стави на процесот за започнување на преговорите на северна Македонија (не нашата земја) и да го изнесам своето скромно видување на процесот и случувањата кои претходеа за да дојдеме до тука!

Ќе го поделам овој текст во три дела за да поедноставно дојдам до поентата!


ДЕЛ I - Хронологија на настаните

Најпрво би сакал хронолошки да започнам со случувањата по ред од формирањето на владата од страна на Зоран Заев на 31 мај 2017тата.

Прв чекор во целиот хаос во затворањето на „македонското прашање“ како главна цел на Заев, а со цел зачленување на Македонија во НАТО и започнување на преговорите со Европската Унија беше потпишувањето на т.н. „Договор за добрососедство“ помеѓу Македонија и Бугарија на 1 ви август 2017тата од страна на Заев и Борисов. На потпишувањето на овој договор му претходеа повеќегодишни преговори помеѓу двете земји кои ги имаше започнато владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски, но бидејќи двете страни не отстапуваа од своите ставови околу ревизијата на историските факти, неговото потпишување и ратификација остана да чека „подобри времиња“. И дојде тоа време и се најде „јунакот“ кој ќе го потпише од „македонска“ страна. Заев „го удри парафот“, но како што деновиве ги гледам неговите реакции, мислам дека човекот го нема ниту прочитано, или пак го прочитал ама не го разбрал (што е полошо)!

По ова следеше потпишувањето на т.н. „Преспански договор“ на 17ти јуни 2018та во селото Нивици на брегот на Преспанското езеро од страна на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Заев очигледно не сфати какви обврски наметнува на Македонија со потпишување на договорите, па мислеше дека се ќе заврши со „простата насилна операција“ за преименување на државата во северна Македонија!


ДЕЛ II - Анализа на договорите

Да започнам со вториот дел од ова мое излагање, односно со објаснување и анализа на двата договори!

Најпрво, да започнам со „договорот за добрососедство“ со Бугарија.

Се до член 8 од истиот, гледаме еден пријателски наратив со кој двете страни ги продлабочуваат своите економски и пријателски и односи. Но тука е член 8 кој во став 2 предвидува формирање на „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“ со цел „да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“!!!

Следен е член 11 од договорот во целост, но посебно сакам да го нагласам став 5 од истиот кој вели „Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија“!

Толку, понатаму не сакам ни да коментирам! Значи во член 8 став 2 се предвидува формирање на комисија која „ќе ја изглади историската вистина“, а во член 11 став 5 се предвидува дека Македонија има право да ги брани интересите само на „Македонците по нација“ односно на државјаните на Македонија во Република Бугарија, но не и на „Македонците по народност“ односно етничките Македонци во Бугарија, а со тоа откажувајќи се од целото Македонско малцинство по род во пиринска Македонија но и во цела Бугарија ако се имаат во предвид фактите за преселбите кои следеле по Балканските и Првата Светска Војна.

Да го разгледаме и „преспанскиот договор“.

Уште во преамбулата на договорот но и во член 3 од истиот е предвидено дека се потврдува постоечката граница како трајна меѓународна граница, што „не е некој проблем“!

Во член 1 став 3 алинеја а од договорот предвидува дека „Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“! Со тоа се менува името на државата, без да се имаат во предвид понатамошните импликации од овој потег!

Алинеја б од истиот член и став предвидува дека „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“. Заев со ова поентираше дека го заштитил „македонскиот идентитет“! Дали е така?!

Алинеја г од истиот член и став предвидува дека „Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба“.

И така стигнавме до фамозниот член 7 за кој би сакал да ги цитирам сите 5 ставови:

1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.

5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.

Со член 8 се откажуваме од сите македонски симболи од наводното „хеленско потекло“ како сонцето од Вергина односно Кутлеш кое воедно беше и државно знаме на Македонија до 1995та година!

Остатокот од договорот од член 9 па натаму е еден „европски пријателски договор“ кој во главно ја унапредува соработката во економијата, трговијата, образованието, културата и одбраната на земјите.


ДЕЛ III - Резиме

Кога човек ќе ги прочита двата договори, сфаќа дека по потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, потпишувањето на преспанскиот договор затвара едно но отвара сосема друго прашање кое на бугарите им дојде како „кец на десетка“!

Заев се фалеше дека го загарантирал „македонскиот идентитет“ со тоа што во член 1 став 3 алинеја б од договорот стоело дека државјанството е македонско / граѓанин на северна... што е во право, бидејќи од државјанството произлегува и нацијата односно ние сме македонци / граѓани на северна... по нација!

Тука доаѓаме до проблемот, во Југославија бевме југословени по нација но никој не го спореше нашиот засебен македонски идентитет, тоа дека ние сме македонски народ односно сме етнички Македонци и сме дел од југословенската нација! Но затоа тука е член 7 од преспанскиот договор кој предвидува дека термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст, дека за Грција Македонија не ја означува само нашата држава и нејзиниот народ туку и историјата и народот во нејзиниот дел од антиката до денес и се наведува дека нашата Македонија е различна од нивната, со различно културно и историско наследство!

Ние никогаш не сме спореле дека македонскиот јазик припаѓа на јужно словенската група на јазици, не спориме дека сме различни, но никој нема право да ни кажува „кој е процентот“, со кој античките македонци учествувале во етно генезата на денешните македонци по род, на целиот македонски народ, а со тоа и во модерниот „melting pot“ на денешната македонска нација!

Како што кажав, тврдењето во членот 7 дека ние сме „некои други македонци“, ја отвори вратата на едни други кои исто така говорат јазик од јужно словенската група, но го нарекуваат бугарски, народ кој пак бил дел од монгло-турската група на народи! Но за нив е во ред да се бугари и да се  словени, но за нас не е во ред да сме Македонци и словени!!!

Заев широко ја отвори вратата на тоа тие кои „до вчера“ бевме македонци по род, да бидеме само македонци / граѓани на северна... по нација, како и сите други кои живеат во северна Македонија, но бидејќи сме славофони, ние можеме да избереме дека по народност односно етнички сме бугари или срби (секако второто не ни го препорачуваат)!!!

СДСМ до пред некоја година ги обвинуваа „вмровците“ дека се бугарофили! Во комунизмот се делеле револуционерите на ВМРО на македонски и бугарски врз основ на тоа дали припаѓале на левицата или десницата, па истото го продолжи и СДСМ кои се противеа на споменикот на Тодор Александров бидејќи „бил бугар“, за скоро да ни кажат дека „нивните предци“ претставени во лицето на КПМ не лажеле и дека „сите сме бугари“!!!

Јас пред скоро две години напишав еден текст со наслов „Зошто ГРК?!“ каде со моите ставови речиси дојдов до ставовите на озлогласениот Каравангелис, но искрено, ако цената на тоа да се биде етнички Македонец е да се биде грк по националност ми е по прифатлива од тоа да бидам „македонски б'лгар“!!!

No comments:

Post a Comment