Во повеќе наврати од некои грчки, а од скоро и од некои бугарски политичари го имам слушнато ставот „решете што сте, Македонци, народ кој што овде живеел од пред три илјади години, или пак Словени, дојдени овде во 6 век“! Јас на сето ова го поставувам прашањето, што се тие?
Грците сакаат и да бидат ем Византијци односно Римјани, ем Грци! Добро, тука нема ништо спорно, Римската Империја била конгломерат од народи, тоа е исто како и да си Македонец и да си Европјанин, ама не е исто да кажеш дека може да бидеш и Грк и Македонец во исто време.
За Грците, Македонците се грчко племе! Овој нивен став е поткрепен од некои светски историчари. Јас сакам во тој контекст само да им дадам еден мал доказ за посебноста на Македонскиот јазик од Грчкиот, а како што знаеме јазикот е основно обележје на еден народ. Тој доказ е сместен во книгата „Александар“, напишана од Римскиот автор, Грк по народност, по име Плутарх. Тој за една случка запишал „тогаш тој (се мисли на Александар) ги повика своите телохранители на Македонски, што беше знак на голема вознемиреност“! Па ако постои Македонски јазик, различен од Грчкиот, тоа значи дека и народот бил различен! Факт е дека Александар повеќе го употребувал Грчкиот од Македонскиот јазик, но тоа е од практични причини! Да ве прашам, на кој јазик зборуваат нашите војници во меѓународните мисии, кој јазик го користат нашите офицери во штабовите на здружените команди? Одговорот е Англискиот, јазик на дипломатијата. Епа пред повеќе од 2000 години Грчкиот бил тоа што денес е Англискиот, што потоа ќе стане Латинскиот, Францускиот итн.
Александар ширел грчка култура! Александар не ширел грчка односно хеленска култура, тој ширел хеленистичка култура! Тоа ви е како денес да ви речат вие сте Американец затоа што носите фармерки и NIKE, јадете хамбургери во McDonald's и пиете Coca Cola. Александар бил фасциниран од Грчката култура, што de facto била напредна. Многу е важно да се напомене дека хеленистичкиот период во историската наука трае точно 300 години и тоа од 330 пр. н. е. кога Александар ја покорува Персија, до 30 пр. н. е. кога Клеопатра VII, последниот Египетски Фараон, припадник на 31 династија на Птолемаидите се самоубива. Основач на оваа династија е Александровиот генерал Птолемај, кој веднаш по смртта на Александар во 323 пр. н. е. се трга понастрана од борбите за престолот, се стационира во Египет и таму се прогласува за фараон. Малку е познато дека тој таму го погребува и Александар, и тоа со Египетските кралски обичаи, односно го мумифицира како Фараон, но на главата му ја остава круната на владетелот на Индија, со што симболично покажува од каде до каде Александар владеел.
Бугарите исто така велат дека треба да се решиме што сме! Епа што се тие? Бугари или словени?! Според нив, бугарите се словенско племе! Јас колку што знам, пра Бугарите се монголски, турски па и хунски, само не словенски народ! Има еден дел од Википедија, каде вика: „Голема Бугарија се проширува на Балканот, што доведува до создавање на Првото бугарско царство или "Дунавска Бугарија" околу 680-тите, со што се етаблира како посебна држава, за на крајот да прерасне во словенското царство на средновековната Бугарија.“ Како се случува ова, според некои извори, Бугарите освојуваат територија која има над 2,5 милиони население кое било словенизирано. Бројот на освојувачите пак, не бил повеќе од 400 илјади. 6:1, што повеќе сакате. Што мислите, дека тој народ немал меѓусебна комуникација и интеракција? Народот полека се меша, но името на народот е како и името на државата.
Ние сме имале двојство, не можело и антички Македонци и Словени од еднаш! Ние не сме ни антички Македонци, ни Словени, ние сме Македонци, народ кој настанал со постепена симбиоза на сите оние кои живееле на овој простор, антички Македонци, Словени, а сигурно имаме голема сличност со сите соседни народи, затоа што во минатото овие работи воопшто не биле битни, а населението слободно се мешало. Ние го имаме целосното право да се нарекуваме МАКЕДОНЦИ, без разлика дали на некого тоа му смета или не! Бугарите на ова ќе речат „да, ама ако е така тогаш зошто сите ваши преродбеници и дејци се декларирале како „Македонски Бугари““? Одговорот е многу лесен, а тој лежи во тоа што скоро сите преродбеници од тој период биле ученици на Бугарската Егзархија, на која основна цел и била ширење на големобугарската пропаганда!
Денес ние сме национално освестен народ, народ кој што знае кој е! Сите манипулации за некакви двојства паѓаат во вода!
No comments:
Post a Comment