Пред неколку дена повторно шетав низ Општина Старо Нагоричане со цел одблизу да го погледнам стариот камен мост на реката Петрошница кај селото Макреш.
Не успеав да најдам точни податоци кога е изграден мостот, но најдов дека во негова близина има античко археолошко наоѓалиште Петриково, но и Макрешки штали.
За жал, денес реалноста е поразителна. Мостот веќе одамна не е во сообраќајна функција и се наоѓа во фаза на активно физичко распаѓање. Парадоксот е дотолку поголем што, за да се помине овој патен правец, возилата денес мора буквално да се спуштат и да возат преку самото речно корито на Петрошница. Иако оваа река има карактер на понорница и во поголемиот дел од годината коритото е целосно суво, во пролетниот период, кога ќе надојдат водите, преминувањето преку неа станува ризично и речиси невозможно.
Како дипломиран историчар, но пред сè како вљубеник во природата, традицијата и културното наследство на мојот роден крај, чувствувам обврска јавно да го споделам овој крик од теренот. Искрено се надевам дека надлежните институции ќе најдат слух, волја и начин за итна реставрација и конзервација на мостот. Со тоа не само што повторно би се овозможило безбедно и цивилизирано преминување по овој локален патен правец, туку Козјачијата ќе сочува еден исклучителен и редок архитектонски споменик.


No comments:
Post a Comment