15 July 2026

Развојот на вештачката интелигенција (AI) – ризици, предизвици и нејзина демократизација

Сѐ погласни се забелешките на експертите за вештачка интелигенција во врска со нејзиниот неконтролиран развој. Вештачката интелигенција секојдневно станува сѐ попаметна и прашање на денови, а не повеќе на месеци или години, е кога ќе ја надмине колективната човечка интелигенција.

Големите светски сили, а пред сѐ САД и Кина, ја предводат битката во развојот на автономни AI модели. Оваа трка се одвива со огромно темпо – нешто што човештвото не го видело досега и што воопшто не може да се спореди со поранешните индустриски револуции.

Заканата не се однесува само на губењето на работните места за огромно мнозинство од човештвото, туку таа е и егзистенцијална за целата наша цивилизација.

Светските сили, преку корпорации контролирани од поединци (иако Кина сѐ уште де јуре е држава), се во континуирана борба за превласт на полето за развој на што помоќен модел на вештачка интелигенција. За да може софтверот да напредува, тој мора да биде придружен со соодветен хардвер од т.н. дата центри, кои чинат милијарди долари и трошат ресурси во електрична енергија за напојување и вода за ладење колку еден град од речиси милион жители.


Има ли надеж за задржување на актуелната состојба, каде AI моделите и алатките управувани од нив се само корисна помош за секој поединец? Или, пак, ова е само кратка, минлива фаза на човештвото која ќе потрае уште неколку години, а потоа следува целосна превласт на технологијата? За среќа, сѐ повеќе од главните креатори на моделите за вештачка интелигенција повикуваат на забавување на нејзиното напредување.


Денес, во средината на 2026 година, хардверот кој би овозможил офлајн искуство на сопствена локална машина, слично на ChatGPT или Gemini, чини повеќе од 5.000 евра. Сепак, тоа е мала цена за локален AI модел кој ја зачувува Вашата приватност и не ги испраќа Вашите податоци во корпоративните дата центри.


Кога денес би запрел развојот на корпоративните AI модели и хардверот би се пренасочил кон демократизација на вештачката интелигенција (односно секој да има AI на своја локална машина), перформансите на тој компјутер би требало да вклучуваат: SSD меморија од 2 до 4 TB, RAM меморија од 64 до 128 GB, графичка картичка од 24 до 32 GB и најнов процесор Intel i9 или AMD Ryzen 9. Вака конфигуриран компјутер денес чини од 5 до 10 илјади евра, но оваа цена за 2 до 3 години би требало да се намали за 50 до 70% од тоа што чини во моментов.


Времето ќе покаже дали вештачката интелигенција ќе остане корисна алатка за секој поединец или ќе прерасне во инструмент за поробување на човештвото.

No comments:

Post a Comment