Во денешните Македонци сигурно има и некоја капка античка крв, но ние сме доминантно словенски народ, вели за А1, академик Блаже Ристовски.
По доселувањето на Словените, според него, почнал процес на природна асимилација на затекнатото население, како впрочем и кај соседите. Ристовски предупредува дека постојаното инсистирањето на античките корени може да предизвика разнебитување на нацијата..
„Веќе нашата маса како да се цепи. Тоа е судбоносна работа, а нема зошто. Ние сме словенска нација, тука не треба да има дилеми. Сите овие други теории што се вадат сега, се без научна почва, без резон, но имаат политички профит“, изјави Блаже Ристовски, академик.
Авторот на тезата дека Македонците се доминантно потомци на античкиот етнос, историчарот Панов, вчера тврдеше дека неговите нови сознанија изнесени во Историјата на македонскиот народ се засновани исклучиво на научни докази.
„Античките Македонци не исчезнале, туку продолжиле да учествуваат во процесот на симбиозата со Словените и да пренесуваат дел од нивните традиции, коишто се според мене, постепено присвојувани од страна на населените Словени, идентификувани како Македонски Словени“, вели Митко Панов.
Според академик Ристовски, најголем доказ дека Македонците се Словени е јазикот – едно од основните обележја на еден народ.
„Тие антички Македонци, засега барем, не ни посведочиле за карактерот на својот јазик. Се знае дека тој не бил грчки, дека тие не се сметале за Грци, и Грците не ги сметале за своеродни грци, меѓутоа нивниот јазик е останат само со имиња“, вели Блаже Ристовски.
Ристовски апелира политиката да ги тргне рацете од историјата, а на граѓаните им препорачува повеќе да читаат, за да не може лесно да бидат манипулирани.
Реакција на историчарот Панов
Посочениот автор на историјата на Македонија Митко Панов, по тезите изнесени од Ристоски излезе со дополнителна интерпретација.
Во неа се вели дека ниту во текстот на историјата на македонскиот народ, ниту во неговите изјави, не е наведено дека станува збор за „етничка доминација“ на Античките Македонци по населувањето на Словените во Македонија и процесот на взаемната симбиоза кој природно уследил во наредниот период.
Најенергично ги демантирам наводите на академикот Ристовски, дека во случајот станува збор за политички влијанија или добивање на „политички профит“.
Панов бара да се остави настрана политиката и личните дисквалификации и конечно да се проговори со аргументи и историски факти.
МОЈ СТАВ ЗА ПРАШАЊЕТО